Едвард Џозеф: Бугарија ја користи ситуацијата на „слабоста и немоќта на Европската Унија“

Коментирајќи ги последните случувања на релација Скопје-Софија, американскиот универзитетски професор и експерт за Балканот, Едвард Џозеф оцени дека претседателот Џо Бајден не може да се дозволи меѓу сојузничките од НАТО, една земја членка да „и се сили“ и да малтретира друга земја членка затоа што е поголема или како што е во случајот со Бугарија и Северна Македонија, затоа што е членка на ЕУ, оти тоа е, вели, веќе проблем и на НАТО.

– Тоа е веќе и проблем на НАТО. Тоа не можеме да го дозволиме. Ова е сојуз, НАТО е сојуз, не може САД да толерира агресија кон идентитетот, искористување на силата, на овој начин. Ова е сериозно, не е мало прашање. Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес. Од друга страна интерес на Владимир Путин се поделбите и конфликтите. Поделба меѓу Бугарите и Македонците, поделби меѓу Албанците и Македонците, меѓу Србите и Косовците, сето ова. Путин тоа го сака во Украина, тоа го сака и на Балканот, поделби, конфликти, додека интересот на САД е да се запре сето тоа, почнувајќи со афирмација во официјална пишана форма на македонскиот идентитет, вели Џозеф во интервју за ТВ Клан Македонија.

Според него, на тој начин со американската афирмација на македонскиот идентитет, нација и јазик, ќе се испрати порака до Софија: „Вие никогаш нема да победите, никогаш нема да го избришете македонскиот идентитет“. Тој смета дека тоа е сигналот што им треба во Бугарија и на бугарските лидери, како премиерот Кирил Петков, кои сакаат да го решат ова прашање.

Запрашан за коментар на „францускиот прелог“, Џозеф вели дека не верува оти Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон имале „лоши мотиви“, туку проблем е во „слабоста и немоќта на Европската Унија“, а Бугарија, смета тој, ја користи таа ситуација, злоупотребувајќи го процесот на ЕУ.

– Правилата, протоколите на ЕУ велат дека не смеете да внесувате билатерални прашања во пристапниот процес. Тој процес се однесува на друго – дали Северна Македонија ги исполнува условите, дали спроведува реформи и владеење на правото и други прашања, но не за поплаки околу историјата и јазикот, истакнува Џозеф.