Евростат: ЕУ во 2021 година имала 172.000 жители помалку во споредба со 2020 година

Бројот на жители во Европска Унија лани, втора година по ред бележи пад поради последиците од пандемијата со Ковид-19, покажуваат податоците на Европската агенција за статистика – Евростат.

Во денеска објавениот извештај на Евростат се наведува дека вкупниот број на жители во 27 земји-членки на ЕУ за една година е намачен за 172.000 луѓе. На 12 јануари 2021 година ЕУ имала 447 милиони жители, додека на 1 јануари годинава регистрирани се 446,8 милиони жители.

Негативниот природен прираст не беше компензиран со позитивниот број на мигранти, втора година по ред, најверојатно поради влијанието на пандемијата, се посочува во извештајот на Евростат.

Демографскиот пад се објаснува главно со зголемувањето на бројот на починати, за 113.000 повеќе од 2020 година, додека бројот на новороденчиња остана речиси на исто ниво.

Во исто време, ЕУ привлече повеќе нови жители, кои дојдоа од надвор, така што минатата година пристигнаа околу 1,06 милиони луѓе во споредба со 800.000 кои пристигнаа во ЕУ во 2020 година. Но, бројката е недоволна за да ја компензира нарушената рамнотежа меѓу смртните случаи и раѓањата (негативниот природен прираст изнесуваше 1,23 милиони луѓе).

Евростат посочува дека постои голема разлика меѓу земјите-членки на ЕУ, бидејќи само десет земји на ЕУ забележале намалување на бројот на жители во 2021 година, почнувајќи од Италија, каде имало 253.100 жители помалку. Од друга страна, пораст на бројот на жители е забележан во 17 други земји, поточно во Франција со пораст од 185.900 луѓе.

Со оглед на влијанието на пандемијата со Ковид-19 од 2020 година и фактот дека бројот на смртни случаи сепак треба да се зголемува поради стареењето на населението, и ако се претпостави дека стапката на фертилитет ќе остане на релативно ниско ниво, овој негативен пораст на населението (повеќе смртни случаи отколку раѓања) може да продолжи, предупредуваат експертите на Евростат.

Според нив, демографскиот пад или растот во ЕУ во иднина најверојатно во голема мера ќе зависи од придонесот на имиграцијата.