Евростат: Бугарите и Грците живеат најскромно од земјите во ЕУ

По десет години „финансиско чистилиште“, Грците конечно ја надминаа тешката економска и социјална криза, а светските рејтинг агенции ги ослободија грчките државни обврзници од ознаките на „лоши“ инвестиции.

Грција забележа економски раст од над два отсто, но населението сè уште живее скромно, покажуваат официјалните статистички податоци на Евростат.

Само Бугарите живеат поскромно од Грците во ЕУ, бидејќи нивната куповна моќ едвај достигнува 60 отсто од просекот во Европската унија, а според последните податоци на заводот за статистика на ЕУ, куповната моќ и бруто-производот по жител во Западен Балкан е уште послаб – само некаде околу 50 отсто од просекот на ЕУ.

Најбогати граѓани се оние на Луксембург и Ирска, 140 отсто и 112 отсто над просекот на ЕУ, а потоа следат Холанѓаните, Данците и Австријците.

Французите се точно во средината, а на крајот, покрај Грците и Бугарите, се и Литванците, Словаците и Хрватите.