Европските берзи достигнаа рекордно ниво
На европските берзи во четвртокот претпладнето цените на акциите достигнаа рекордни нивоа, следејќи го вчерашниот раст на Волстрит, додека инвеститорите ги чекаат одлуките на британската, швајцарската и норвешката централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргувањето порасна за 0,9 отсто и достигна рекордно ниво. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс скокна за 1,17 отсто, на 7.828 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,82 отсто, на 18.160 поени, а париски CAC 0,66 отсто, на 8.215 поени.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во истиот период од тргувањето во Европа порасна за 1,5 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei скокна за 2 отсто, на ново рекордно ниво, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 1,1 и 2,4 отсто. Во Шангај, пак, благо паднаа.
Инвеститорите беа охрабрени од вчерашниот раст на Волстрит. Dow Jones зајакна 1,03 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,89 отсто, а Nasdaq индексот 1,25 отсто. Очекувано, челниците на американската централна банка (Fedral Reserve – Fed) ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто по дводневната седница.