Европските амбасадори лути на Мицкоски: „Правете го тоа што го зборувате“

Aко навистина сака евроинтеграција – владата на Македонија треба да го прави тоа што го зборува, порачаа денеска амбасадорите на Европската унија на средбата на Заедничкиот парламентарен комитет на ЕУ и Македонија.

Aко навистина сака евроинтеграција – владата на Македонија треба да го прави тоа што го зборува, порачаа денеска амбасадорите на Европската унија на средбата на Заедничкиот парламентарен комитет на ЕУ и Македонија.

Нивната реакција следи по гласањето на Македонија во Обединетите нации за европската резолуција за Украина и за коспонзорството на резолуцијата на САД, во која Русија не се именува како агресор.

Полскиот амбасадор, чија земја е претседавач со Унијата, прв порача јасно дека „зборовите говорат посилно од делата“.

„Делиме со вас заедничка судбина и се соочуваме со заеднички предизвици. Заеднички можеме и да ги решиме. Од тој аспект сакам особено да нагласам дека е клучно да се остане посветен на основните европски вредности и принципи и дека последното гласање за резолуциите во ОН предизвика значајна загриженост меѓу мнозинството ЕУ амбасадори овде. Акциите зборуваат посилно од зборовите“, порача полскиот амбасадор Мариуш Бримора.

И евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека е суштински да се остане посветен на клучните европски принципи и вредности и тоа да се демонстрира и на мултилатерално ниво, вклучувајќи ги Обединетите нации. Тоа, како што рече, ќе потврди дека нашата стратешка ориентација се ЕУ и НАТО.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, не ги слушна пораките на европските амбасадори. Тој веднаш по своето обраќање, се извини дека има обврски и си замина. Во својот говор, Муцунски им порача амбасадорите и на европратениците дека е време процесот на проширување на стане реалност.

„Сакаме јасност, предвидливост и решителност во процесот. Веќе не ни е доволно ЕУ да ни дава само поддршка, туку ни треба конкретен чекор“ рече Муцунски.

Во врска со спорот со Бугарија, тој нагласи дека добрососедските односи не се одговорност само на една страна и дека билатералните прашања не смеат да бидат дел од процесот на пристапување во ЕУ.

Европската унија, предупреди Муцунски, не смее да дозволи да исчезне вербата во европскиот процес во Македонија.