Европскиот парламент го усвои Планот за раст за Западен Балкан, најамбициозниот финансиски пакет на Европската унија (ЕУ) за регионот досега, вреден шест милијарди евра.
За тој пакет гласаа 517 европски пратеници, 56 беа против, а 30 воздржани, јавува Радио Слободна Европа.
Гласањето се одржа само еден ден пред распуштањето на Европскиот парламент, бидејќи европските институции влегуваат во изборен период – за изборите за новото свикување на парламентот и лидерите на институциите на ЕУ, кои ќе се одржат меѓу 6 и 9 јуни. во сите земји-членки на ЕУ.
Според текстот што го договорија Европскиот совет и Европскиот парламент, земјите од регионот на Западен Балкан ќе треба да исполнат голем број критериуми за да го искористат пакетот финансиска помош во периодот од 2024 до 2027 година.
Меѓу нив се основните критериуми кои се подеднакво валидни за сите земји, а се однесуваат на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да не се злоупотребуваат средствата.
Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политичка природа. За Косово и Србија постои „уште еден услов“ поврзан со напредокот во процесот на нормализација на односите.
ЕУ има намера да ја удвои економијата на земјите од регионот во следните десет години со Планот за раст за Западен Балкан. Тој план беше предложен од Европската комисија во ноември 2023 година.
Од вкупно шест милијарди, две милијарди се во форма на грантови, а останатите четири милијарди се во форма на заеми со многу поволни рати. Целта на ЕУ е да го поттикне економскиот раст во шесте земји од регионот, а во исто време да го помогне реформскиот процес, односно да ја промовира подготовката на земјите од регионот за влез во ЕУ.
Според предлогот, ќе се поедностави постапката за исплата на финансиски средства, но ќе се заострат критериумите за добивање на овие средства.