Пратениците во Европскиот парламент денеска го повикаа НАТО да и испрати покана за членство на Украина и дадоа поддршка за отворање на пристапните преговори со Европската унија оваа година.
Во резолуцијата што беше усвоена со 425 гласа „за“, 38 „против“ и 42 воздржани, се изразува очекувањето дека пристапниот процес за членство во НАТО „ќе започне веднаш кога ќе заврши војната и тој ќе биде завршен што е можно поскоро“. соопштија од Европскиот парламент.
Европратениците изјавија дека додека не се постигне полноправно членство, ЕУ и нејзините членки, заедно со сојузниците во НАТО и истомислениците, мора тесно да соработуваат со Украина за да развијат привремена рамка за безбедносни гаранции, која треба да се спроведе веднаш по војната.
„Парламентот нагласува дека интеграцијата на Украина и во НАТО и во ЕУ ќе ја зајакне регионалната и глобалната безбедност и ќе ги зајакне врските меѓу Украина и евроатлантската заедница“, се наведува во соопштението.
Европратениците остро го осудија руското уривање на браната Каховка на 6 јуни, оценувајќи дека тоа е воено злосторство што предизвика големи поплави и еколошка катастрофа, како и екоцид во Украина.
„Сите одговорни за воените злосторства, вклучително и уништувањето на браната, ќе одговараат во согласност со меѓународното право“, велат пратениците.
Парламентот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за доделување кандидатски статус на Украина во 2022 година и изрази надеж дека Европската комисија ќе даде позитивна препорака откако земјата ќе ги спроведе седумте чекори наведени во мислењето на Комисијата.
Пратениците во Европскиот парламент бараа јасен пат за почеток на пристапните преговори со ЕУ, кои со доволна поддршка би можеле да започнат веќе оваа година.
Парламентот исто така повика на усвојување на сеопфатен пакет на ЕУ за закрепнување на Украина, кој треба да биде насочен кон итна, среднорочна и долгорочна помош, обнова и закрепнување.
Во резолуцијата се истакнува дека е важно обновата на Украина да биде поврзана со нејзините подготовки за членство во ЕУ и внатрешните реформи, како и во согласност со Европскиот зелен договор.
„Тоа ќе помогне да се трансформира земјата во дигитално модерна земја на благосостојба без јаглерод и пазарна економија“, се вели во соопштението.
Украина поднесе барање за членство во НАТО во септември минатата година. Следниот самит на тој воен сојуз ќе се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус.