Европскиот елен ќе стане нова атракција на Галичица

Во Националниот парк Галичица во „Косто бачило“,на површина од околу 90 хектари се наоѓа репродуктивниот центар за европски елен. Таму живеат 100 -тина елени.Дел од стадото деновиве ќе биде пуштено во природата. Ќе претставуваат атракција за љубителите на планината и ќе привлечат поголем број посетители во НП „Галичица“.

Две ипол метарската жичена ограда ги штити од дивиот свет. Тоа го покажуваат и честите посети на волци околу оградата, а имало и случај кога мечка ја срушила заштитната ограда во обид да влезе во стадото.

Склад за храна, хранилки, голема локва, односно поилиште за вода се дел од сликата меѓу разиграното стадо. Поголемиот дел се подготвени сами да егзистираат во дивината, но во стадото има и мали, кои ќе продолжат да растат во хумани услови и човечка грижа.

– Во рамки на репродуктивниот центар изградена е потребната инфраструктура. Има објект за складирање на храна (зрнеста и кабаста) со која континуирано преку цела година вршиме прихрана на елените. Во објектот има и просторија за вработените, кои го опслужуваат репродуктивниот ценатар. Изградени се десетина хранилки, голема локва/поилиште за вода и шест двотонски цистерни за складирање на вода. Репродуктивниот центар има и мал внатрешно ограден простор кој е потребен за одвојување на единки кои од него ќе се пуштаат во дивина, како и целосна покриеност со видео надзор- истакна раководителот на Одделението за заштита на природата од НП „Галичица“, Андон Бојаџи.

Иако во моментот живеат во природна средина, сепак вработени во јавната установа НП „Галичица“ се грижат за нив, за потребите од храна, вода, но и за нивното здравје. Токму поради тоа, како што информира Бојаџи за МИА, на два елени ќе им бидат поставени џи-пи-ес уреди со кои ќе бидат следени каде се движат и како се однесуваат во природната средина. Шест единки пак, ќе бидат подарени на заштитениот предел Осоговски Планини за подобрување на генетскиот фонд на популацијата на европски елен во осоговието.