
Европската федерација на новинари (ЕФН) бара транспарентно водење на постапката по тужбата за навреда и клевета, која поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ја поднесе против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за истражувањето „Заговор против воздухот“.
ЕФН се приклучува кон Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во осудата на одлуката на судијката Јованка Спировска Панева да го затвори за јавност судското рочиште за случајот откако на судското рочиште одржано на 13 октомври новинарите беа приморани да ја напуштат судницата.
„Исклучувањето на новинарите и другите набљудувачи покажува намера за цензура во случај кој ја засега слободата на изразување, но и правото на граѓаните на Македонија да бидат информирани за сериозна закана по јавното здравје“ – посочуваат од ЕФН.
Реакцијата на ЕФН, како што се посочува во објавата на нивната веб-страница, е во рамки на механизмот „Брзи реакции за слободата на медиумите“ кој ги следи состојбите и реагира на кршењето на слободата на медиумите во земјите членки на Европската Унија и земјите кандидати за членство.
Од Европската федерација на новинари дополнително изразуваат поддршка за барањето кое ЗНМ го поднесе до Судскиот совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност за судијката Јованка Спировска-Панева за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
ЕФН и ЗНМ сметаат дека не постои легитимна правна основа за одлуката на судијата.