Европската комисија: ЕУ има сериозни прашања за Србија

Европската Унија ја осуди одлуката на Србија да одржува надворешнополитички консултации со Русија, наведувајќи дека тоа отвора прашања во момент кога Брисел јасно им порача на државите кои сакаат да влезат во блокот да не ги одржуваат вообичаените врски со Москва.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ потпишаа во петокот на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк документ наречен План на консултации.

Селаковиќ кажа дека планот предвидува консултации за билатералните и мултилатералните активности, иако не содржи ништо за безбедносните политики. Српските опозициски партии го критикуваа документот, пренесува Ројтерс.

Во разговор за новинарите во Брисел, портпаролот на Европската комисија Петер Стано истакна дека руско-српскиот документ за консултациите е потпишан само неколку дена откако Москва најави мобилизација за војната во Украина и почна референдуми за припојување на териториите кои ги зазеде во таа земја.

Договорот меѓу Србија и Русија е „многу јасен знак за нивните намери да ги зајакнат врските. А тоа отвора сериозни прашања“, кажа Стано.

„ЕУ јасно им даде до знаење на државите кои сакаат да влезат во блокот дека односите со Русија во сегашните околности не можат да бидат вообичаени. Србија го прогласи влегувањето во ЕУ како стратегиски приоритет, што значи усогласување со европските политики, вклучувајќи ги и политичките теми“, додаде тој.

„Ова сериозно го сфаќаме и го следиме“, кажа Стано.

Во соопштение, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин го опиша меморандумот кој беше потпишан со Русија како „технички документ“ и кажа дека претставниците на ЕУ „не сакаат да му дозволат на српскиот претседател Александар Вучиќ да води независна политика“.