Европарламентот и земјите членки го усогласија Буџетот на ЕУ за 2025 година
Со постигнатиот договор вкупните обврски во Буџетот на ЕУ за 2025 се утврдени на над 199,44 милијарди евра, а вкупните предвидени исплати на околу 155,2 милијарди евра.
Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ рано изутринава постигнаа договор за Буџетот на Европската Унија за 2025 година, кој според нејзиниот предлагач, Европската комисија, се фокусира на главните политички приоритети на блокот и на актуелниот тежок геополитички контекст.
Како што соопшти денеска Советот на ЕУ, со постигнатиот договор вкупните обврски во Буџетот на ЕУ за 2025 се утврдени на над 199,44 милијарди евра, а вкупните предвидени исплати на околу 155,2 милијарди евра.
Според правилата на ЕУ, „обврските“ се законски обврзувачки ветувања за трошење пари за активности кои се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, додека „исплатите“ ги покриваат трошоците што произлегуваат од обврските во Буџетот на ЕУ во тековната или претходните финансиски години.
Од вкупните средства во Буџетот, 800,5 милиони евра се предвидени за покривање на непредвидени потреби на ЕУ.
По постигнувањето на договорот, унгарскиот државен секретар за јавни финансии и главен преговарач на Советот на ЕУ за буџетот, Петер Банај, изјави дека е усогласена балансирана годишна буџетска рамка, која на Унијата и обезбедува средства за покривање на приоритетните обврски, притоа имајќи го предвид интересот на даночните обврзници.
– Буџетот за следната година обезбедува внимателен пристап, задржувајќи доволно финансиска слобода за одговор на непредвидени околности. Ова е реален пристап земајќи го предвид тековниот економски и геополитички контекст и потребата за приспособување на новите предизвици што може да се појават во 2025 година, изјави Банај, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Според Банај, усогласениот Буџет ги обезбедува и потребните средства за финансирање на обновата на земјите погодени од природни катастрофи.
Во Буџетот, процентуално најголем дел или речиси 78 милијарди евра се наменети за обврски во ставката „Кохезија, издржливост и вредности“, над 56,7 милијарди за „Природни ресурси и животна средини“, речиси 21,5 милијарди за „Единствениот пазар, иновации и дигитализација“, 16,3 милијарди за „Соседството и светот“, над 12,8 милијарди за „Јавната администрација“, 4,8 милијарди за „Миграција и гранично управување“, над 2,6 милијарди за „Безбедност и одбрана“ и речиси 6,7 милијарди за посебни намени.
По постигнатиот договор Европскиот парламент и Советот на ЕУ сега имаат рок од 14 дена и официјално да го одобрат усогласениот Буџет. Се очекува Советот да го одобри Буџетот на 25 ноември, а Европскиот парламент во текот на парламентарната сесија од 25 до 28 ноември.
За усвојување на Годишниот буџет потребно е квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ.