Европарламентот им го укинува имунитетот на пратениците поврзани со корупција

Европскиот Парламент објави дека ја започнал процедурата за укинување на имунитетот на двајца пратеници, по барање на белгиското правосудство кое го истражува корупцискиот скандал на Европската унија и Катар.

Два извори блиски до истрагата соопштија дека се работи за белгискиот пратеник Марк Тарабела и Италијанецот Андреа Коцолино, членови на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (С&Д).

„На барање на белгиските правосудни органи, покренав итна постапка за одземање на имунитетот на двајца пратеници во Европскиот парламент“, објави на Твитер претседателката на парламентот, Малтежанката Роберта Мецола. „Нема да има неказнивост“, рече таа.

Адвокатот на Тарабела, Максим Толер, рече дека неговиот клиент се согласува со одземање на имунитетот. Претходно, Белгиецот ја негираше вината, велејќи дека нема апсолутно ништо да крие и дека ќе одговори на сите прашања на истражителите.

Коцолино минатиот месец за италијанските новински агенции изјави дека не е под истрага. „Не бев испрашуван. Немаше претрес, ниту мојата канцеларија беше запечатена“, рече тогаш тој.

Во декември, два извори рекоа дека Франческо Џорџи, еден од главните осомничени во истрагата заедно со неговата партнерка, отпуштената потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили, признал дека примал мито од Катар за да влијае на одлуките на институцијата за оваа земја од Блискиот Исток.

Џорџи, асистент во ЕП, наводно рекол дека се сомнева дека Тарабела и Козолино добиле пари од Катар. Гркинката Каили ја негираше вината. На 22 декември белгискиот суд донесе одлука Каили да остане во притвор уште еден месец, додека истрагата за корупцискиот скандал, еден од најголемите за ЕУ, продолжува.