
Еврокомисијата утврди дека „Тему“ продава нелегални и несоодветни производи
Според оценката на ЕК, постои висок ризик и голема веројатност потрошувачите во ЕУ преку сајтот да набавуваат нелегални и несоодветни производи, како што се играчки за деца и електронски уреди.
Европската комисијата денеска прелиминарно утврди дека сајтот за онлајн трговија „Тему“ ги прекршил обврските според Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) околу проценка на ризиците од продажба на нелегални производи на европскиот пазар.
Според оценката на ЕК, постои висок ризик и голема веројатност потрошувачите во ЕУ преку сајтот да набавуваат нелегални и несоодветни производи, како што се играчки за деца и електронски уреди.
По повод ваквата оценка, извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија на Европската комисија Хена Виркунен изјави дека „Тему“ е далеку од стандардите што ги бара Законот за дигитални услуги поврзани со ризиците по корисниците.
– Ние купуваме онлајн затоа што веруваме дека производите што се продаваат на нашиот единствен пазар се безбедни и се во согласност со нашите правила, истакна Виркунен.
Според неа, безбедноста на потрошувачите онлајн трговијата не е предмет на преговори во ЕУ.
– Нашите закони, вклучително и Законот за дигитални услуги, се основа за подобра онлајн заштита и побезбеден и пофер дигитален единствен пазар за сите Европејци, додаде Виркунен.
Оценката е донесена врз основа на постапката што Комисијата ја покрена против „Тему“ на 31 октомври 2024 година.
„Тему“ сега има право на приговор на ваквите оценки и да достави одговор до ЕК во врска со нејзините прелиминарни наоди. Доколку, сепак, во понатамошната фаза од истрагата ваквите прелиминарните ставови бидат конечно потврдени, Комисијата ќе донесе одлука за казнени мерки против „Тему“ поради прекршување на ДСА.
Тие мерки можат да опфатат парична казна во износ до шест отсто од вкупниот годишен промет на „Тему“ на глобално ниво и барање сајтот да преземе мерки за отстранување на утврдените прекршоци, при што ќе биде ставен под засилен надзор за да се следи имплементацијата на препораките.