Евроамбасадорот Гир: Чисто е – одредницата за македонскиот јазик во рамката е без дообјаснувања

Дејвид Гир – амбасадорот на Европската Унија во земјава го поздрави продолжувањето на консултациите за, како што ги нарекува, „ревидираните предлози“ претставени од француското претседателство со ЕУ на денешниот состанок на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Во објавата на Твитер, амбасадорот Гир напиша и дека е сосема чисто оти македонскиот јазик во преговарачката рамка е без дополнителни квалификации.

„Се надевам дека целиот процес ќе биде плоден, зацртувајќи го патот за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија. Чисто е: одредницата за македонскиот јазик во преговарачката рамка е без дообјаснувања“ – напиша Гир.

Објавата на евроамбасадорот може да се толкува како одговор на бројните тврдења дека францускиот предлог не нуди чиста формулација за македонскиот јазик.