Евроамбасадорот Гир со апел за промена на Уставот

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача што поскоро да се усвојат уставните измени за земјава одлучно да продолжи на евроинтегративниот пат. Одговарајќи на новинарско прашање, Гир рече дека процесот е во рацете на државата и Собранието и штом измените бидат усвоени веднаш ќе се премине во наредната фаза. Односно, како што додаде Гир, без да се потребни дополнителни одлуки од страна на ЕУ, туку по автоматизам. Според него, треба да се искористи моментумот во процесот на проширувањето, кој произлегол по руската агресија во Украина.

„Јас навистина многу се надевам ќе биде можно да се усвојат уставните измени, зашто верувам дека местото на оваа земја е во Европската Унија и сакаме да ни се приклучите што е можно поскоро, додека во меѓувреме се имплементираат сите реформи кои се неопходни за да се биде полноправен член на ЕУ“, рече Гир.

Уставните измени биле една од темите на кои разговарале и премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер. Според владиното соопштение, споделен бил ставот дека проевропските политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста во овој момент. Како што се додава, претстојниот чекор во Собранието е од клучна важност за европскиот правец на земјата.

Инаку, во ТВ-интервју претседателот Стево Пендаровски вчера истакна дека ако уставните измени не бидат усвоени наскоро, оваа задача ќе треба да му се препушти на наредниот собраниски состав. Пендаровски оцени, врз основа на изјавите што биле давани во јавноста од страна на политичарите, дека наскоро двотретинско мнозинство е тешко да се оствари.

Но, за разлика од него, премиерот Ковачевски верува дека до тоа може да дојде. Двотретинско мнозинство не се очекувало ниту за Преспанскиот договор, но тоа сепак се случило.

„Ваков процес треба да се заврши побрзо за да може и побрзо да станеме полноправна членка на ЕУ, бидејќи другото е изолација, чекање, блокади и на крај пак седнување на маса и размислување како да се заврши процесот, а еднаш видовме, наместо 2011 година да имавме решение на спорот со Грција, тоа се одлгашае и на крај добивме полошо решение“, рече Ковачевски.

Според ВМРО-ДПМНЕ добро е што Пендаровски признал дека власта нема обезбедено двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски во радио интервју утринава кажа дека ако нема промена на условите, додека тој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ и без разлика дали партијата ќе ја предводи Владата или не, уставните измени нема да се случат.