Екипи на ЕВН денеска влегоа во Арачиново и работат на отстранување на дефектите кои поголем дел од Општината го оставија без струја. Паралелно со тоа, ќе се поставуваат и броила надвор од дворовите на куќите за, како што велат надлежните, „подобра евиденција и контрола на користењето на електричната енергија“.
Вработените на ЕВН во Арачиново беа во придружба на припадници на Агенција за обезбедување.
Полициски припадници немаше, според информациите од терен, состојбата била мирна и без проблеми со локалното население.
Градоначалникот на Општината, Ридван Ибраими апелира до компанијата за почесто присуство на нејзини екипи во Арачиново во иднина, во насока на нормализирање во снабдувањето на жителите со електрична енергија.
Жители на Општина Арачиново сметаат дека дефектот со снабдување со електична енергија го предизвикала опожарена бандера. Според екипите на ЕВН, кои излегоа на терен и вршеа проверка на броилата, причините може да лежат во атмосферските услови, меѓутоа не исклучуваат и преоптоварување на мрежата.
Од ЕВН минатата недела соопштија дека штетата што се предизвикува со „дивите“ приклучоци на мрежата изнесува шест милиони евра на годишно ниво.