Ева Каили останува во затвор уште една седмица

Ева Каили која е  обвинета во Белгија за корупција, ќе остане во затвор најмалку до 22 декември, објавија денеска белгиските медиуми.

Причината за тоа е денешниот штрајк во затворот во кој е сместена Каили, така што не и е обезбеден превоз до Судот што требаше да и изрече мерка притвор.

Европските медиуми синоќа објавија дека Каили е преместена од затворот „Сен Жил“  во новоизградениот затвор во Харен каде условите се далеку подобри.

Белгиските медиуми прецизираат дека во текот на истрагата за корупција и лобирање во корист на Катар биле откриени повеќе од 1,5 милиони евра во кеш. Некои од сноповите евра пронајдени во домот на Каили и во куферот на нејзиниот татко биле повлечени од банка во Белгија. Се очекува тие индиции да придонесат за забрзување на истрагата оттаму што ќе помогнат во утврдувањето кој ги повлекол средствата и од која сметка.