Од 93-та владина седница: Одлука за стипендиите за средношколци; Прифатен е усогласениот текст на Договорот ФРОНТЕКС; Разгледана е информацијата за потрошувачката на електрична енергија од институциите; Именувана е директорка на Фондот за здравствено осигурување

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2022/2023 година, со којашто се утврдени бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средното образование.

Стипендии во износ од 3.500 денари месечно се предвидени за: талентирани ученици – спортисти; талентирани ученици од областите на природните и техничките науки; талентирани ученици од областа на уметностите; за ученици со посебни потреби; за социјална поддршка на ученици од средното образование; за ученици – деца без родители; за ученици кои реализираат наставни програми од угостителско-туристичка струка; за наставни програми од електро-техничка струка; од градежно-геодетска струка; од земјоделско-ветеринарна струка; за наставни програми од машинска струка; од текстилно-кожарска струка; за ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење; за ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование, во коишто ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови, согласно програмите за стручно образование. За ученици Роми се предвидени стипендии од: 2.200 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 4.50 до 5.00; од 1.500 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 3.50 до 4.49; од 1.200 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 3.00 до 3.49 и стипенции од 800 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 2.00 до 2.99.

Според најавата од Министерството за образование се очекува конкурсите да бидат објавени до крајот на овој месец.

Владата на денешната седница го разгледа и усвои и Извештајoт од Министерството за внатрешни работи за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС) и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот. Со потпишувањето на Договорот, според информацијата од МВР, се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете Договорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Северна Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во Република Северна Македонија.

Владата, на денешната седница ја разгледа Информацијата со споредбена анализа за потрошена електрична енергија од државните институции, подготвена од Министерството за економија.

Министерството за економија беше задолжено да достави ваква информација и анализа до Владата, откако органите на државната управа, институциите коишто немааат статус на органи на државната управа и правните лица основани од државата, преку Генералниот секретаријат на Владата, беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија. Задолжението се однесуваше на заштеди од 15% на месечно ниво, започнувајќи од 1 септември 2022 година – заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година. Информацијата е доставена до Владата како материјал за информирање, а за деталите јавноста ќе биде информирана од страна на Министерството за економија, преку прес-конференција.

На денешната владина седница, за директорка на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, на предлог на министерот за здравство е именувана Магдалена Филиповска – Грашкоска.