Д-р Стевановиќ: Лекот „рибавирин“ е наменет исклучиво за најтешката фаза на конго-кримската хеморагична треска

Состојбата со појавата, а особено по смртта на 27 годишната жена од конго-кримска хеморагична треска по каснување од крлеж беше сериозен аларм нашите здравствени власти да се ангажираат веднаш и да ги покренат сите механизми за превенција на населението во Македонија од ова сериозно вирусно заболување.

Ова во разговор за „Фактор“ го изјави директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ.

Таа истакнува дека се реагирало навреме и во координација со многу организации, институции, со држави кои веќе имаат искуства во справување со епидемии на конго-кримска хемортагична треска.

„Ова заболување кај нас не постои со децении. Поголемо искуство имаат колегите од Косово, Албанија, Грција Турција. Кај нив се случуваа епидемии на конго-кримската хеморагична треска при што заболуваа цели семејства кои се занимаваат со сточарство. Јас со сите мои колеги бев во постојан контакт за да размениме искуства. Она што посебно би сакала да го потенцирам е дека Министерството за здравство ги искористи сите механизми стапувајќи во контакт со Светската здравствена организација како и со Лекари без граници кои делуваат токму во подрачја каде што конго-кримската хеморагична треска е ендемско заболување. По низа консултации беше нагласено дека треба да се набави антивирусниот лек `рибавирин`. Овој медикамент кој не се чува на залиха туку така, во нашава земја беше донесен во ултра-краток период, буквално за 48 часа. Ефикасноста на Министерството беше на највисоко ниво“ – посочува д-р Стевановиќ.

Во однос на состојбата на болничарката која се зарази со вирусот лекувајќи ја пациентката која минатиот викенд почина на Клиниката за инфективни болести, вели дека е во стабилна состојба, со повремено покачување на температурата и дека таа е под постојан надзор.

„Пациентката е хоспитализирана на нашата клиника. Освен температура засега нема други симптоми на болеста. Температурата стигнуваше и до 40 степени, но генерално е во клинички стабилна состојба. Кај неа се следат сите параметри од анализите на крв. Значи, лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата, односно се очекува една фаза од болеста кога може да се појават посериозни симптоми на конго-кримската хеморагична треска. Секако, како што нагласив, таа е под постојан лекарски мониторинг. Засега лекот `рибавирин` не и се дава, и во оваа фаза од болеста овој лек не се дава. Тој е наменет исклучиво за најтешката фаза од болеста и се дава по проценка кога неговата ефикасност ќе биде многу поголема отколку од тоа што може да направи поголеми несакани ефекти. Доколку треба да се даде на одреден пациент се користат протоколи и искуства стекнати од светот каде има најмногу случаи на конго-кримска хеморагична треска. Во оваа насока во имавме и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“ вели Стевановиќ.