Откако вчера ТВ Клан објави видео од канцеларијата на директорката на Детската клиника д-р Аспазија Софијанова, во кое нивниот новинар Фуркан Салиу изнесе низа обвинувања за тоа колкава плата зема, дека повеќе заработува од дежурства, од Детската клиника испратија соопштение во кое нагласуваат дека надоместоците за дежурства се целосно регулирани исто како што нормативно се регулирани и платите и приходите на сите вработени во Клиниката за детски болести.
-Клиниката за детски болести сака да ја информира јавноста дека месечната исплата на надоместоци на вработените се извршува со примена на Законот за здравствена заштита, каде што истите се утврдени во: член 216 – Дежурство, член 217 – Посебен случај на дежурство, член 218 – Готовност, член 219 – Плата и дел од плата за работна успешност, и член 220 – Додаток за работа во дежурство и готовност. Во овие членови е јасно наведено во кои околности и услови се исплаќаат надоместоците, за дежурствата кои се целосно утврдени, за состојба на готовност кога здравствениот работник треба да биде 24/7 достапен на телефон или со други сретства за комуникација, како и за сите останати надоместоци, соопштија од Детска клиника од каде во посебен документ ги испратија и споменатите членови од Законот за здравствена заштита.
-Сакаме да укажеме дека пресметката за надоместоците на директорката д-р. Аспазија Софијанова никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредни документи презентирани во јавноста, нагласуваат во соопштението, демантирајќи дека докторката месечно заработува околу 5.000 евра како што и` предочуваше новинарот Салиу, повикувајќи се на документи кои ги добил.
Од Клиниката за детски болести изразуваат жалење за начинот на комуникација во текот на вчерашниот ден. И директорката Софијанова на својот Фејсбук профил испрати посебна реакција за вчерашниот настан во нејзината канцеларија.
-Секогаш и во секоја прилика во мојата долгогодишна кариера сум била, се уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден после 24 часовно дежурство, после предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со Цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо најавената тема се претвори во настанот кој за жал веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања. Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и истиот се почитува до детал. И, на крај никогаш мојата плата не била 300.000 илјади денари, никогаш, реагираше директорката д-р Софијанова.