Она на што Друштвото на филмските работници предупредуваше подолго време, а поради што бевме во отворен конфликт со министрите за култура, особено со министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, дека паушалното и безумно кратење на буџетот за филм ќе ги афектира проектите во годините пред нас, за жал стана реалност.
Македонскиот филм е заглавен во „кал“. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за Оскар, едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.
Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас.
Покрај безумните и нелогични кратења кон најголемиот амбасадор на нашата култура – филмот, овие состојби се и последица на она на кое јавноста е сведок веќе подолго време – очајната ПР капмања која се води против Друштвото на филмските работници, токму од оној за кого не важат правилата, законите, професионална етика и принципот на колегијалност. Друштвото на филмски работници на Македонија стана предмет на подмолни анонимни пријави, за кусо потоа да се обелодени нивниот подносител и автор. А само затоа што ДФРМ и фелата отворено и недвосмислено станаа против добивање на државни средства на сметка пред завршување на конкурсните процедури пропишани со закон, против испумпување милионски суми пари на сопствени сметки надвор од земјава за наводен равој или промоција како и против неколегијалното однесување, саможивноста и алчноста.
Искрено веруваме дека институциите на системот ќе се одважат, ќе ги расветлат и казнат криминалите кои со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна и ќе докажат дека во нашата земја нема простор за манипулации со јавноста и политичките структури, злоупотреба на моќ и лажно употребување на терминот „политички прогон” во земјава и надвор од неа, сè со цел да се скријат сторените дела.
И во оваа прилика, уште еднаш бараме од министерот Зоран Љутков да ја откочи „зарибаната“ филмска машина и да им овозможи на авторите и филмските работниците да снимаат, а нашите филмови да одат напред. Да ги расчисти сите дилеми присутни во јавноста и да воспостави принципи на либералност, транспарентност и еднаквост, како елементарен предуслов на секоја демократска држава и секоја современа кинематографија, се вели во обраќањето до медиумите на ДФРМ.