Дурмиши би сакал минималната плата да биде 600 евра: За тоа ќе се одлучува на седница на ЕСС во декември

„Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра“, рече Дурмиши.

Покрај законското зголемување од 2.000 денари во март следната година, во буџетот има пари за зголемување на минималната плата и во декември, како што бара Синдикатот, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши, кој вели дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но нагласи дека треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.

„Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра“, рече Дурмиши.

Економско-социјалниот совет на седница следниот месец ќе одлучува за покачувањето на минималната плата на 450 евра.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека има позитивни чекори од страна на Владата со зголемувањето на платите на здравствените работници.

„Во образованието не сме задоволни со растот на платите. Се надеваме дека на ваков начин до крајот на годината ќе биде исправена неправдата за сите работници што не добија усогласување на нивните плати оваа година поради изборите. Дијалогот по основ на минималната плата е отворен, аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.000 денари, покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме во однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите на производите и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме бидејќи мораме да се убедуваме за потребата од растот на сите плати, вклучително и растот на минималната плата“, рече Трендафилов.