Дуковска и Андревски: Првото општинско соларно претпријатие „Енергија Центар“ е првиот технички чекор за преод кон зелена транзиција
Во рамки на четвртиот Социо-еколошки форум 2024, ко-основачот на Здружението за зелено општество „Гринер“, Билјана Дуковска потенцираше дека локалните заедници мора да го добијат своето место во фокусот на праведната енергетска транзиција со цел да има значајна претставеност на потребите на различните целни групи и истите да не се изостават.
„Досега бележиме тренд на стихијна енергетска транзиција, во која најмногу имаат корист оние со повеќе можности, додека останатите не успеваат да се приклучат во процесите и дополнително осиромашуваат. Овој форум е апел за социјална кохезија на локално ниво и вмрежување на сите административни капацитети со граѓанското општество во насока на заедничка зелена, праведна, инклузивна и одржлива иднина“, рече Дуковска.
Директорот на првото општинско соларно претпријатие „Енергија Центар“, Вангел Андревски рече дека глобалната енергетска криза и цените на електричната енергија беше предизвик Општина Центар да направи промена кон сопствена зелена енергија за сопствените потреби на јавните и административни објекти.
„Формирањето на сопственото општинско соларно претпријатие „Енергија Центар“ беше првиот технички чекор за преод на оваа зелена транзиција“, изјави Андревски.
Проект менаџерто во Енергетска задруга Зез Сонце од Загреб, Јосип Бебер истакна дека енергетските задруги играат голема улога за надминување на енергетската сиромаштија, заштеда на енергија и инвестирање во нови извори на енергија.
„Потребно е да се вклучат граѓаните и да се подигне свесноста за оваа важна тема. На денешниот форум ги истакнавме позитивните примери и практики кои ги имплементираме во Крижевци“, посочи Бебер.
Основачката на работилницата за репарација и поправка на стари и расипани предмети „Прогрес“, Ема Нешковска истакна дека иницијативите на младите луѓе потребно е да се слушаат и почитуваат, затоа што младите имаат капацитет, знаење и желба европските напредни практики да ги реализираат дома.
„Во Гостивар ја отворивме првата градска работилница за репарација Прогрес, која всушност е првата ваква работилница во земјава. Сакав да покажам дека со искрен пристап, голема волја и упорност позитивните практики од развиените земји можеме да ги реализираме дома. Работилницата Прогрес е сместена во средно техничко училиште во Гостивар. Во Прогрес, секој граѓанин на Гостивар може да дојде и да ги поправи своите стари и расипани предмети, а за услугите во работилницата не треба да плати ништо. Тоа значи дека работилницата Прогрес услугите ги врши бесплатно. Главната цел на Прогрес е да ги поттикне луѓето почесто да ги поправаат своите стари и расипани предмети, а поретко да ги фрлаат во ѓубре. На таков начин влијаеме кон намалување на нивото на отпад и заштита на животната средина“, потенцираше Нешковска.