ДУИ ја смета Сиљановска за „гласноговорничка на едноетничката доминација“

Според ДУИ, со тоа таа ја занемарува етничката рамнотежа и се позиционира на страна на Владата, што ја поткопува нејзината улога како обединувач. Интегративците ја обвинија дека станала „гласноговорничка на едноетничката доминација“, а не чувар на соживот и консензус.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагираше на изјавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, според која нема потреба од предвремени избори ако Владата има 61 пратеник, дури и доколку албански пратеници ја напуштат коалицијата.

Според ДУИ, со тоа таа ја занемарува етничката рамнотежа и се позиционира на страна на Владата, што ја поткопува нејзината улога како обединувач. Интегративците ја обвинија дека станала „гласноговорничка на едноетничката доминација“, а не чувар на соживот и консензус.

„Претседателката Сиљановска Давкова застана на страна на Владата во поткопувањето на мултиетничкиот карактер на државата. Во време кога мултиетничкиот карактер на Македонија е под сериозна закана, претседателката Гордана Сиљановска Давкова отворено се позиционираше на страната на Владата, занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација“, велат од ДУИ, па додаваат:

„Со нејзината изјава дека не е важно колку пратеници Албанци ќе го напуштат парламентарното мнозинство, сѐ додека Владата има 61 пратеник – нема потреба од предвремени избори, претседателката испраќа јасна порака дека етничкиот баланс и чувствителноста на коалициските партнерства не се дел од нејзиниот политички приоритет“.

„Сиљановска многу лесно ја напушти клучната улога која претседателот на државата треба да ја има – да биде фер арбитар на различните политички позиции со цел да ги обединува сите граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка или било каква друга припадност. Наместо обединувач, таа избра да биде дел од партиската поларизација. Наместо да биде глас на уставната обврска за градење соживот и консензус, претседателката избра да стане гласноговорничка на едноетничката доминација. Овој пристап потсетува на темните времиња кога мајоризацијата, прикриена зад „мерит системи“ и „почитување на закони“, беше средство за системско потиснување на Албанците“ е ставот на ДУИ.

Од партијата сметаат дека „очигледно е дека сѐ додека не се обезбедат дополнителни уставни и политички механизми кои ќе ја гарантираат консензуалноста во изборот и дејствувањето на функцијата претседател, оваа функција ќе остане перцепирана како исклучиво етничка – насочена само кон потребите на македонскиот народ“.