
ДУИ: Ургентно формирање парламентарна комисија за оценување на селективната правда во третманот на трагедијата во Кочани
- Оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД и на земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес, велат од ДУИ.
Парламентарната група на Европскиот фронт денеска официјално ќе побара формирање на посебна парламентарна комисија за истражување, како што велат, на селективниот и едностран пристап на правосудниот систем, кој е под контрола на Владата, во третманот на трагедијата во Кочани.
„Оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД и на земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес.
Селективната правда ја потресе секој граѓанин на оваа земја и создаде без преседан ситуација која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите.
Неодговорноста или политизацијата на правдата за тесно партиски цели не ги загрозува само основните права на граѓаните, туку и демократската стабилност и европската перспектива на земјата.
Парламентарната група на Европскиот фронт денеска ќе поднесе официјална иницијатива за ова прашање и очекува Собранието да дејствува со максимална одговорност и сериозност за да обезбеди независно, веродостојно и инклузивно истражување.
ДУИ останува непоколебена во својата посветеност на заштита на правата на граѓаните и зајакнување на правната држава во земјата, соопштија од партијата.