ДУИ: Со своите одлуки Владата прави опасен преседан во здравството

Оттаму посочуваат дека е неприфатливо во држава што стреми кон членство во Европската Унија, со еден потпис да бидат исклучени 155 мајки и сестри, како резултат на затворен, партиски и слеп пристап кон општествената реалност.

Одлуката на Владата да не даде согласност за засновање на постојан работен однос на 155 медицински сестри во Клиничката болница во Тетово е опасен преседан кој сериозно ја нарушува довербата во институциите и ги поткопува темелите на соживотот, реагираат од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

„Таквата одлука не е само неправедна и политички мотивирана, туку содржи и елементи на отворена етничка и родова дискриминација. Наместо да се вреднува професионалноста на овие вработени, од кои многу беа во првите редови за време на пандемијата, тие беа игнорирани на најнедостоинствен можен начин. ДУИ, како државотворна партија што со години вложува во изградбата на правичен и еднаков систем за сите граѓани на Северна Македонија, ја смета оваа одлука за опасен преседан кој сериозно ја нарушува довербата во институциите, ги поткопува темелите на соживотот и ја враќа исклучувачката логика од минатото“, се наведува во соопштението на ДУИ.

Оттаму посочуваат дека е неприфатливо во држава што стреми кон членство во Европската Унија, со еден потпис да бидат исклучени 155 мајки и сестри, како резултат на затворен, партиски и слеп пристап кон општествената реалност.

„ДУИ бара итно повлекување на оваа одлука и враќање на медицинските сестри на нивните работни места, со постојан работен однос. Актуелната влада мора да разбере дека играњето со судбината на луѓето и со достоинството на жената нема да помине без политички последици. Молкот повеќе не е опција. Граѓанската реакција е неизбежна, и таа ќе биде масовна, праведна и насочена кон заштита на еднаквоста, достоинството и правото на работа во сопствената земја, без страв и без исклучување“, децидни се од ДУИ.