Владејачката албанска партија ДУИ поддржува предвремени парламентарни избори, но не годинава, туку во април 2024 година, со цел тие да се одржат заедно со редовните претседателски избори. Ова денеска на владиниот форум по повод 100 дена од новата Влада го изјави првиот вицепремиер од редовите на ДУИ – Артан Груби.
„ДУИ како дел од оваа коалиција го поддржува силно парламентарното мнозинство и владината коалиција и овде сме да ги реализираме овие проекти. На граѓаните не им требаат авантури, им треба одговорна, социјална влада, која ги слуша граѓаните и ги реализира нивните барања“ – рече Груби.
Последните парламентарни избори се одржаа на 15. јули 2020 година и ваквиот став на ДУИ е дека тие поддржуваат парламентарни избори само неколку месеци пред редовниот термин.