ДУИ: Поразот на локалните избори им го замати разумот на Села, Таравари, Касами и Хоџа
Авантурата на кумовите на коалицијата – Левица, Села и Таравари, заедно со Касами и Хоџа, ги урива темелите на политичкото организирање на Албанците и нивните аспирации за еднаквост и интеграција, се наведува во соопштение на ДУИ
Наводното опозициско мнозинство од 61 пратеник, во состав Левица, Алијанса, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива ги загрижи нашите граѓани, но и регионот и нашите сојузници во Брисел и Вашингтон, се наведува во соопштение на ДУИ, како реакција на последните политички случувања во земјава, поврзани со обидот за изгласување недоверба на Владата.
„Оваа група на егзекутори на европската и евроатлантската перспектива медиумите и граѓаните со право ја оквалификуваа како анти-НАТО, анти-САД, анти-ЕУ, но и против признавањето на Република Косово и против Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедството со Бугарија. Овој извршен тим сериозно го наруши имиџот на нашата земја и институционалната стабилност, но и кредибилитетот на интегративниот процес“ – велат од ДУИ.
Од партијата велат дека стимулирањето кризата и барањето предвремените избори директно го загрозуваат отворањето на преговорите со Европската Унија во декември годинава.
„Авантурата на кумовите на коалицијата – Левица, Села и Таравари, заедно со Касами и Хоџа, ги урива темелите на политичкото организирање на Албанците и нивните аспирации за еднаквост и интеграција. Длабокиот пораз на локалните избори на сите овие партии заедно им го замати разумот, обединувајќи ги да ја уништат ДУИ, но уште полошо, да ја уништат европската иднина, меѓуетничките и меѓусоседските односи како и сите достигнувања на Охридскиот договор“ – се вели во соопштението на ДУИ.