Од Демократската унија за интеграција велат дека со згрозеност ја следат леснотијата со која се објавуваат и дистрибуираат лаги и манипулации без никакво чувство за одговорност за јавниот збор.
„Обвинувањата на министерот за транспорт, г. Николоски, во однос на придобивките на функционерите на ДУИ од експропријацијата при изградбата на автопатот Скопје-Блаце, се неосновани и целосно невистинити. Секоја информација за Коридорот 8 и автопатот Скопје – Блаце е неточна и покажува институционално незнаење од власта со моноетнички легитимитет. Првите 2 километри до границата кај Блаце се завршени од претходната Влада. Вие само треба да го пуштите во употреба. Продолжувањето на тој автопат во должина од 10 километри го проектира американската компанија Хил а тоа го финансираше ЕБОР како и техничката асистенција, што значи ниту еден денар од буџетот не е потрошен“ велат од ДУИ.
Оттаму соопштуваат дека „овој проект е финансиран со кредит од ЕБОР, каде што околу 30 милиони евра се грант. Трасата на автопатот беше избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце и на воениот полигон Стенковец. Овој основен проект, подготвен за повеќе од 2 години, е тендериран и оваа Влада само треба да го избере изведувачот на работите и да започне изградбата. Секој редизајн ќе трае речиси 3 години“.
Што се однесува до експропријацијата, интегративците тврдат дека „минималната цена за експропријација која досега ја плаќа државата на таа делница е 2 евра, а максималната е 20 евра, така што тврдењата на Николоски се апсурдни“.
„Затоа го повикуваме министерот Николоски да изнесе конкретни докази за неговите обвинувања. Доколку не го направи ова, ќе го сметаме за креатор на лажни вести и пропаганда како и противник на проектите што не поврзуваат со Албанија и Косово“ велат од ДУИ.