Во седиштето на ДУИ во Мала Речица во тек е седница на Централното претседателство на партијата. Пред почетокот на седницата изјава даде портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми кој информираше за темите за кои ќе се разговара на седницата.
– Денеска ќе дискутираме за мерките, за политиките кои би требало да се преземат. За истите ќе има и коментар од нашата страна до американскиот експерт кој е ангажиран д-р Пол Вилијамс, и зависно од тоа ќе ги конкретизираме нашите понатамошни политички чекори. ДУИ е потврдена политичка партија која секогаш се залага за добро на граѓаните. Ние продолжуваме со истите политики кои носат подобро утро за сите граѓани перспектива за сите. Ние се залагавме и се залагаме за нашата западна ориентација на нашата земја, а тоа беше и членството во НАТО и како втора стратешка цел останува членството во ЕУ, но исто така велиме дека ќе ги искористиме сите демократски механизми што ни се на располагање за да се санкционира, да се почитува волјата на граѓаните изразена на слободни и демократски избори. Тоа значи дека Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет – рече Адеми.
Toj посочи дека не е исклучена можноста за протести наесен, но во рамки на демократските механизми кои стојат на располагање.
„Бараме ветинг на сите политичари, судии, обвинители – само така оваа држава ќе тргне напред – рече Адеми и информираше дека на денешната седница ќе се разгледа и драфтот кој е испратен од Вилијамс и коментарите кои ќе бидат испратени од нивна страна до него, а исто така ќе разговараат и за одбележувањето на 13 август.