ДУИ на 15 октомври ќе заседава, премиерот вели нема најави за промени во Владата

Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека во моментов нема никаква најава за какви било промени во владиниот состав.

„Јас знам дека ДУИ за 15 октомври има најавено избор на претседателство, но нема никаква најава во моментов за какви било промени во владиниот состав“, рече Ковачевски. Функционерот на ДУИ Бујар Османи денеска потврди дека органите на партијата ќе заседаваат на 15 октомври оценувајќи дека е нормално за голема партија да носи одлуки по пат на дебати.

Османи на прашањето дали тој ќе биде повлечен од Владата со одлука на ДУИ, рече дека е тој е професионален политичар, дека според зборовите на неговиот лидер Али Ахмети, тој е „мисионер, а не функционер“ и дека извршувал и може да извршува разни функции, од портпаролска до министерска.

„Тоа што се одлучи е дебатата од јавност да се префрли во партиските тела и тоа ќе се случи на 15 октомври, ќе се формираат партиските тела во кои ќе продолжи оваа дебата која е израз на демократската пракса и слободата во партијата секој да си ги изрази своите мислења и мислам дека тоа е здраво за секоја партија и секое општество”, изјави Османи на денешниот брифинг со новинарите во МНР.

Тој нагласи дека некои партиски тела не се реформирани бидејќи беше период на пандемија.

Прашањата поврзани со можни кадровски измени во ДУИ и во Владата се наметнаа откако се обзнани „огнена група“ во партијата, составена од функционери од постарата генерација, која преку јавно писмо побара од Ахмети разрешување на Артан Груби од функциите и враќање на дебатата, а се спомнуваше дека се незадоволни и од однесувањето и работата на Османи како министер.

Инаку, на 17 октомври е закажана седница на Собранието на Македонија на која треба да биде констатирана оставката на Горан Милевски од функцијата мкнистер за локална самоуправа која ја поднесе од лични причини. Во медиумите се шпекулира дека е можно на таа седница дневниот ред да биде проширен и со „мини реконструкција“ на Владата, односно со смена на три  – четири министри, што досега од владиниот кабинет не е потврдено.