Највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет одржал состанок каде дискутирале за актуелната политичка состојба во држават, но и во партијата. Претседателот на партијата, Али Ахмети кој претседавал со Советот, изразил загриженост од како што се наведува во соопштението, „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“.
Без да откриваат детали на што мислел Ахмети, од партијата наведуваат дека тој изразил посветеност на партијата за демократските принципи и решеност да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Северна Македонија.
За нов потпретседател на ДУИ е избран актуелниот министер за надворешни работи и портпарол на партијата, Бујар Османи, Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали се назначени за нови членови на претседателството, пополнувајќи ги местата на оние кои ја напуштија партијата
Ахмети и Генералниот совет, како што се наведува во соопштението, го осудуваат и нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го истиот како напад врз ДУИ.
Генералниот совет на ДУИ донел и одлука за како што велат , зајакнување на раководството на партијата.
„За нов потпретседател на ДУИ се назначи г-дин Бујар Османи како носител на долгогодишно искуство со континуирана посветеност и вложување во принципите на партијата. Дополнително, Собранието назначи тројца нови членови на претседателството, пополнувајќи ги испразнетите места од лицата што ја напуштија партијата. Новоименуваните членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали. Г-ѓа Билали како секретар ќе го води Секторот за родова еднаквост,“ се наведува во соопштението од ДУИ.
На состанокот се разговарало и за европската перспектива и уставните измени.
„Ахмети истакна дека закотвувањето на Северна Македонија во европското семејство, е највисоката форма на патриотизам за сите граѓани и заедници. Неодамнешната потврда од Европската комисија дека одредниците за отворање на поглавјата ќе се фокусираат само на патоказот за јавната администрација и владеењето на правото, наместо на односите со соседите, силно ги отфрлија тврдењата на опозицијата“ велат од ДУИ.
Партискиот состанок на ДУИ доаѓа неколку дена откако доскорешниот функционер на ДУИ Изет Меџити ја напушти партијата и почна активности за формирање нова партија. На Меџити му се приклучија пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како и поранешниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани.