
ДУИ: Агенцијата „Рубикон“ – синоним за институционално прикривање
-Родителите на жртвите јавно поставуваа прашања за улогата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и МВР. Овие прашања го поставуваат Министерството за внатрешни работи во центарот на одговорноста, соопштија од опозициската ДУИ.
„На протестот што го организираа семејствата на трагично загинатите млади во Кочани, пред два дена, беа изнесени шокантни информации кои досега не беа демантирани, ниту објаснети од надлежните институции. Родителите на жртвите јавно поставуваа прашања за улогата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и МВР. Овие прашања го поставуваат Министерството за внатрешни работи во центарот на одговорноста“, соопштија од опозициската ДУИ.
Од партијата прашуваат:
• Дали „Рубикон“ поседувала важечка лиценца за работа како агенција за обезбедување?
• Колку нејзини вработени се лиценцирани и со каква обука?
• Кои други објекти или настани ги обезбедувала оваа агенција?
• Дали и кога била предмет на инспекциски надзор? Кој го спровел и со какви резултати?
• Зошто полицијата не реагирала иако во објектот – под обезбедување на „Рубикон“ – имало малолетници по полноќ, слободна продажба и консумација на алкохол, пиротехника и нарушен јавен ред?
Велат „Ова не се прашања од дневнополитички карактер, туку барања за елементарна институционална отчетност. ДУИ бара итна, детална и транспарентна истрага за улогата на агенцијата „Рубикон“ во трагедијата, за нејзините врски со државните институции и за неуспехот на МВР да делува соодветно“.