Државно правобранителство: Стафа поднесе неотповиклива оставка од лични причини

Од Државното правобранителство попладнево информираа дека државниот правобранител Фехми Стафа денеска до Владата поднел неотповиклива оставка од лични причини.

„Јас, државен правобранител на РСМ, Фехми Стафа поднесувам неотповиклива оставка од лични причини. Барам да се прифати мојата оставка на наредната владина седница“, стои во оставката од Стафа.

Од Владата потврдија дека на денешната седница е разрешен државниот правобранител. Стафа беше именуван за државен правобранител на 22 август 2018 година.

Во јуни годинава, „360 степени“ објави случај за четири семејства од Скопје кои 15 години се по судови поради незаконски спроведена денационализација, каде се појавува и Државното правобранителство на чие чело е Стафа. Се работи за апсурден случај кога Управниот суд носи пресуда дека спорната денационализација била незаконска и наложува таа да биде поништена, врз основа на тужбата од Државното правобранителство, за потоа истото тоа Државно правобраннителство да поднесе тужба на оваа пресуда.