
Државниот врв во земјава им го честита Божиќ на верниците на Римокатоличката црква и на дел од православните христијани кои според Грегоријанскиот календар денеска го прославуваат Рождеството Христово.
Премиерот Христијан Мицкоски во божиќната честитка порача дека празничните мигови треба да бидат потсетник за обединување бидејќи, како што рече, заеднички може да се изгради држава во која секој граѓанин ќе се чувствува ценето, заштитено и исполнето со надеж за поубава иднина.
„Нашата традиција како земја и општество не научила низ вековите дека заедно сме посилни и заедно можеме да ги надминеме сите препреки и искушенија пред кои сме биле исправени. Наша должност како генерација е да се бориме и со Божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат. Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја“, порача Мицкоски, а на верниците им посака благосостојба, духовен мир и добро здравје.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на верниците им посака добро здравје, духовен мир и радост и ги повика божиќните празници да бидат поттик за чинење добри дела и взаемно почитување.
„Да даруваме насмевки, да негуваме човечка блискост и да бидеме носители на ведрина и позитивна мисла во секојдневието, споделувајќи радост со сите околу нас. Божиќ, како еден од највозвишените христијански празници, нè потсетува на вечните вредности: солидарноста, човечноста и надежта, коишто ги зближуваат луѓето и ја зајакнуваат вербата во подобра иднина“, порача Сиљановска-Давкова во честитката што ја упати до верниците.
Честитка до верниците испрати и претседателот на Собранието, Африм Гаши, посакувајќи им празничните денови да ги поминат во добро здравје, семејна топлина, спокој, надеж и оптимизам за годината што претстои.
„Во името на Собранието и во мое лично име, упатувам искрени честитки до сите католички верници во државата. Божиќните празници носат пораки на мир, солидарност, човечност и меѓусебно почитување, вредности кои се темел на секое демократско и мултиетничко општество. Токму преку заемно разбирање, почитување на различностите и заедничка посветеност кон општото добро, ја градиме стабилноста и иднината на нашата држава“, порача Гаши во честитката.