
Државата сама барала да добива еден отсто за паркингот во Клинички
Според документот од тендерот за концесијата за паркингот во Клиничкиот центар, Владата како претставник на државата сама побарала оној што ќе стопанисува со него да одвојува максимално еден отсто од остварените годишни приходи.
Според документот од тендерот за концесијата за паркингот во Клиничкиот центар, Владата како претставник на државата сама побарала оној што ќе стопанисува со него да одвојува максимално еден отсто од остварените годишни приходи. Според документот од тендерот, што го објави СДСМ точката 9 наведува: „Максималниот износ на надоместокот за концесија и/или начинот на кој истиот се пресметува (доколку е предвидено)“. Во дообјаснувањето стои: „Овој износ е пресметан како 1% од остварените годишни приходи од претходната година без пресметан ДДВ“.
„Објавениот оглас за тендерот јасно потврдува дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток однапред ја договориле оваа зделка за ‘Ѓока констракшн’, при што приватната компанија ќе добие 99% од приходите, а државата само мизерни 1%!“, вели СДСМ во соопштението.
„Таравари и Мицкоски свесно решиле паркингот да го предадат на приватна фирма, оставајќи ја државата без приход, додека пациентите ќе плаќаат речиси двојно поскапо паркирање! Ова е јасен доказ дека целата постапка е сомнителна и дека некој од власта ќе профитира од оваа зделка на грбот на граѓаните“, нагласува СДСМ.
Партијата додава дека во објавата за концесијата еден од условите за учество на тендерот бил компанијата да има изградено мостови. „Каква врска има изградбата на мост со поставување монтажни гаражи во Клиничкиот центар? Ова е класичен доказ дека тендерот бил специјално скроен за ‘Ѓока констракшн’, компанијата што го има изградено мостот ‘Ваша’ во Албанија. Со овој сомнителен услов, Владата оневозможила реална конкуренција и обезбедила однапред познат победник“, вели СДСМ.
СДСМ бара итна истрага за корупција. „Институциите не смее да молчат. Ова е скандал без преседан, вакво распродавање на државниот имот на штета на граѓаните и, пострашно, на пациентите не е запаметено. Владата не смее да го забошоти овој случај, а Мицкоски и Таравари ќе мора да одговараат за овој класичен пример на корупција“, вели опозициската партија.