Државата апелира да се штеди струја

На ЕСМ од вчера и се на располагање 3,1 милијарда денари или околу 50 милиони евра за да го зголеми производството и да обезбеди дополнителни количини електрична енергија. Компанијата апелира да се почитуваат мерките за штедење струја. Секој заштеден киловат час, укажува ЕСМ, ќе значи помалку трошење јаглен, мазут и гас.

И државата повикува да се почитуваат мерките за штедење електрична енергија. Воедно информира дека за справување со енергетската криза се обезбедени над 100 милиони евра.

-На ЕСМ и се ставаат на располагање 3,1 милијарда денари за да го зголеми производството и да обезбеди дополнителни количини електрична енергија. Финансиската поддршка ЕСМ ќе ја искористи и за снабдување со основни суровини, јаглен, мазут и друго, што е во функција на поддршка на продолжување на производството за непречено снабдување со електрична енергија, соопшти Министерството за финансии.

АД ЕСМ најави дека ќе вложи максимални напори за да ги произведе потребните количини до крајот на грејната сезона.

-Ако се придржуваме до мерките, заштедената енергија ќе може да се пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа. Само со штедење на електричната енергија можеме да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките и на економијата и заедно да излеземе од оваа наметната криза, нагласуваат од ЕСМ.

Порака дека треба да се штеди струја, вчера упати и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.

-Сметам дека целата јавност треба малку посериозно да се однесува кон мерките за штедење, бидејќи во услови на цена на електрична енергија на берзите од 700 – 800 евра, мислам дека ниедна компанија не може нормално да работи особено, фирмите кои имаат производен процес. Сметам дека и државата во овој дел ќе мора некако да помогне од аспект на обезбедување поевтина електрична енергија, рече Бислимоски на прес-конференција.

Негова оценка е дека ЕСМ за потребите на регулираниот пазар, особено за домаќинствата, дава релативно ниска цена.

-Сега граѓаните во своите сметки можат да видат дека евтината тарифа ги чини 10 евра за мегават час како продукт. Тоа што на берзата е 400, 500, 600 евра па имаше денови и 800 нашите граѓани ги чини 10 евра за мегават час евтина тарифа. Прв блок ги чини 71 евро, втор блок 76,5 евра, трет блок 86 евра и екстремно четвртиот блок 229 евра. Кога ќе ги споредите овие цени со тоа што е на берзите има ситуации кога првиот и вториот блок се некаде 10 пати поевтини од тоа што е на берзата во Унгарија, референтна берза за нашиот регион, прецизира Бислимоски.