Дрецун: Белград мора да докаже дека не е поврзан со вооружената група во Бањска

Претседателот на Комитетот на српското собрание за Косово и Метохија – Милован Дрецун рече дека официјален Белград, по конфликтот меѓу група Срби и косовската полиција во селото Бањска, „сега единствено може да спроведе само многу брза истрага“ за она што се случи. Дрецун за РТС рече дека Белград мора да ги „отфрли сите обиди на Приштина и на многумина на политичкиот Запад да ја поврзат државата Србија со оваа вооружена група, со нејзината подготовка, обука, вооружување, уфрлувањето на северот на Косово“

– Затоа што ако тоа не се направи, тогаш Белград ќе биде подложен на некои мерки кои веќе се бараат од многумина на политичкиот Запад – порача тој.

Според него, веќе е намалено и запрено распоредувањето на војниците на српската армија долж административната линија со Косово, а поведена е истрага и приведен е главниот осомничен за организација на групата од Бањска, поранешниот потпретседател на Српска листа на Косово, Милан Радоичиќ.

– Истрагата е започната веднаш, Радоичиќ е приведен, таа истрага веќе покажува дека оружјето е набавено надвор од Србија, дека тоа се нелегални канали и дека се работи за шверц на оружје. Ако се прифатат резултатите од таа истрага, ако се покаже дека државата Србија не е вмешана во сето тоа, тоа ќе биде многу добар чекор, рече Дрецун.