Драстично намален бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик и книжевност

Драстичен пад на бројот на студенти  на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност и култура. Годинава се запишале само 16 студенти во првиот уписен рок.

Со отворањето на другите државни универзитети и тамошните катедри за македонски јазик и книжевност, непостоењето на стипендии и секако неможноста за вработување на македонистите е причина со години наназад да сведочиме за оваа загрижувачка состојба во македонистиката, вели професорката Пановска -Димкова .

Според деканката на Филолошкиот факултет Дучевска станува збор за проблем кој трае со години и се должи на повеќе надворешни фактори и варијабли.Слабиот интерес за македонистиката се должи најмногу на невработеноста на овие кадри. Сѐ уште ниедна издавачка куќа, државни институции и секаде каде што по закон се должни да имаат лектори, тие не се вработуваат, вели професорката Дучевска.

Во 2019 беше подготвен предлог-законот за македонски јазик кој стигна до јавна расправа, но не влезе во собраниска процедура поради распуштањето на Собранието, по што следеа вонредните состојби. Во него е предвидено стипендирање на студенти по македонистика во сите три циклуси, како и вработувања и ангажирања на лектори, во сите државни и јавни установи и институции, Владата, Собранието и министерствата, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта и медиумите.