Драмски обележува 60 години од вселувањето во постоечкиот објект

Драмски театар Скопје денес обележува 60 години од свеченото отворање на „новата наменска зграда во населбата Карпош“ на 4. март 1965 година. Објектот е донација на Владата на Велика Британија како еден од симболите на меѓународната солидарност во напорите да се обнови Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. И покрај тоа што е замислена како привремен дом, театарот во оваа зграда опстојува и денес.

Драмски театар Скопје денес обележува 60 години од свеченото отворање на „новата наменска зграда во населбата Карпош“ на 4. март 1965 година. Објектот е донација на Владата на Велика Британија како еден од симболите на меѓународната солидарност во напорите да се обнови Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. И покрај тоа што е замислена како привремен дом, театарот во оваа зграда опстојува и денес.

На отворањето е изведена премиерата на „Богомилска балада“, во која целосно блеснува новиот уметнички потенцијал и ентузијазам на театарот. Претставата „Богомилска балада“ од авторите Милан Ѓурчинов и Илија Зафировски е работена по романот на Владо Малевски „Она што беше небо“. Режисер е Тодорка Кондова-Зафировска, сценограф Миле Станковиќ, костимограф Рада Петрова-Малкиќ, избор на музиката Томислав Зографски. Во претставата играле: Тома Видов, Нада Гешоска, Видосава Грубач, Дарко Дамески, Ленче Делова, Вукан Диневски, Самоил Дуковски, Ангелина Ивановска, Иванка Зенделска, Ацо Јовановски, Милица Стојанова/Снежана Михајловиќ, Стево Спасовски, Крум Стојанов, Кирил Ќортошев и Благој Црвенков.

Во монографијата за Драмски театар е нотирано: „За година на препород во историјата на Драмски театар се смета 1965 година. Театарот добива ново име, „Драмски младинско – детски театар“. Уште летото 1964 година, ансамблот се збогатува со 12 истакнати актери и режисери: Тодорка Кондфова-Зафировска, Нада Гешоска, Димитар Гешоски, Милица Стојанова, Крум Стојанов, Ацо Јовановски, Мара Исаја, Јон Исаја, Дарко Дамевски, Вукан Диневски, Драги Крстевски-Амфи и Кирил Ќортошев.

Во аналите на театарот е запишано дека: „Во годините што следуваат по вселувањето во објектот, Драмски театар Скопје има чест да соработува со највлијателните македонски драматуршки имиња како: Коле Чашуле, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Миле Поповски, Венко Андоновски, Сашко Насев, Жанина Мирчевска, Дејан Дуковски, Југослав Петровски. Во Драмски режирале Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Слободан Унковски, Димитар Станковски, Коле Ангеловски, Сашо Миленковски, Александар Поповски, Златко Славенски, Срѓан Јаниќијевиќ, Зоја Бузалковски, Дејан Пројковски, Деан Дамјановски, Нела Витошевиќ, Јане Спасиќ. Но, режирале и гости од странство: Вили Цанков, Жарко Петан, Паоло Маџели, Вито Тауфер, Владлен Александров, Лилија Абаџиева, Д.В. Мофет. Драмски театар е промотор на неколку важни уметнички тандеми меѓу режисер и автор: Стефановски–Унковски, Плевнеш-Георгиевски, Чашуле-Георгиевски, Насев-Станковски, Миленковски-Андоновски“.

Драмски театар Скопје во изминатите 60 години со посветеност и грижа кон својот објект функционира како една од највлијателните национални установи од културата во Република Македонија и веќе ги започнува подготовките за одбележување на 80 години од своето постоење кое со низа активности ќе го прославува во наредната 2026 година.

Од Драмски театар Скопје информираат дека вечерва во 20 часот се игра претставата „За нас почнува живот“ и воедно ја покануваат публиката да ја искористи можноста во месец март да ги проследи претставите од редовниот репертоар на театарот по промотивна цена од 1.600 денари за купување на блок билети со по пет претстави.

Во зависност од изборот на претставите во продажба се пуштени два блока: Блок 1 со претставите: „Мојот маж“, „Странци“, „Пикник на фронтот“, „Хеда Габлер“, „Падот на масада“ и

Блок 2 со претставите: „Странци“, „ Диши“, „ Драми на принцезите“, „За нас почнува живот“ и „Мојот маж“.