Претседателот на Русија – Владимир Путин и премиерот на Италија – Марио Драги разговараа за начините на кои може да се олесни меѓународната криза со храна.
„Владимир Путин нагласи дека Руската Федерација е подготвена да даде значаен придонес за надминување на кризата со храна преку извоз на жито и вештачки ѓубрива, под услов политички мотивираните ограничувања од Запад да бидат укинати“ – се вели во соопштението на официјална Москва.
Драги, пак, рече дека презел иницијатива да го повика рускиот лидер.
„Почувствував дека е моја должност да ја преземам оваа иницијатива поради тежината на хуманитарната криза што може да ги погоди најсиромашните во светот“ – порача тој.
Путин му рекол дека кризата со храна е поради санкциите.
„Јас сум заинтересиран за подефинирано, помало прашање, а тоа е да се обидеме да видиме дали можеме да ги деблокираме овие огромни количини жито во украинските пристаништа во Црното Море“ – рече Марио Драги.
Тој додаде дека за ова прашање ќе разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.