Легендарниот пејач Драган Мијалковски ќе ја добие наградата за животно дело на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која ќе се одржи на 22 февруари од 20 часот во салата „Борис Трајковски“.
Мијалковски оваа година одбележува 55 години на музичката сцена. Неговата музичка кариера започнала на аудицијата „Бараме млади таленти“ во 1969 и ден по успешниот настап ја направил првата радиоснимка. Со своите песни трајно ја одбележа домашната забавна музика, а како поп-пејач имаше значајни успеси и во поранешна Југославија.
Една од плочите на Драган Мијалковски, издадена за Радио-телевизија Белград
Најголема популарност достигна во 1970-тите и 1980-тите, кога соработуваше со композиторите Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Славе Димитров, Александар Ацо Кораќ и Зденко Руњиќ, со чии песни учествуваше на музичките фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје. Мијалковски ќе настапи на 27. издание на „Златна бубамара на популарноста“ со голем ревиски оркестар во живо, со колаж од неговите најпопуларни песни.
„Во топ пејачка форма на своите 74 години, Мијалковски со настапот на ‘Златна бубамара на популарноста’ се претставува како своевиден Синатра на домашната музика. ‘Бубамара’ најавува дека за сите посетители ќе има колективно фотографирање за пасош и лична карта, што е причина повеќе за добро расположение кај сите среќници кои ќе бидат дел од овој настан“, велат од радио „Бубамара“.
Билетите се во продажба онлајн преку karti.com.mk и mktickets.mk и во цвеќарницата „Розе Веро 2“.