
До 2026 година ќе се знае кој каде работи и колку плата зема
Министерството за јавна администрација денеска го презентираше Информацискиот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) со кој за првпат во државата ќе има целосна и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива. Очекувањата се дека на единствената дигитална платформа ИСУЧР, која е целосно во државна сопственост, до 2026 година ќе се вклучат сите 1.400 институции.
Министерството за јавна администрација денеска го презентираше Информацискиот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) со кој за првпат во државата ќе има целосна и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива. Очекувањата се дека на единствената дигитална платформа ИСУЧР, која е целосно во државна сопственост, до 2026 година ќе се вклучат сите 1.400 институции.
Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање, целосната имплементација на ИСУЧР претставува значаен чекор кон градењето систем надвор од партиските стеги, кој ќе придонесе во градењето професионална, стабилна и отпорна администрација. Модерна држава не може да постои со застарена администрација, оцени Мицкоски и нагласи дека граѓаните очекуваат брза и ефикасна услуга, а не, како што рече, бирократски лавиринти и чекање со месеци.
– Оваа реформа ја носиме во време кога граѓаните одамна го изгубија трпението. И со право. Затоа што долго време имаше една логика – администрацијата како партиски плен, институциите како приватен имот. Ние градиме систем, а Информациониот систем за управување со човечки ресурси е значаен чекор … Преку овој систем, за првпат државата има целосна и транспарентна слика за тоа кој е вработен, каде, по кој основ, со кои квалификации, каква плата добива и дали е заслужена … Администрацијата е лицето на државата. Ако тоа лице е неефикасно, затворено, арогантно или хаотично тогаш и довербата во државата опаѓа. Во 21-от век, клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација. Без неа, секоја реформа е осудена на половичен успех, оцени Мицкоски.
Министерот за јавна админситрација Горан Минчев, пак, ги посочи новитетите во модернизираниот Информациски систем и нагласи дека очекувањата се дека до 2026 година ќе се вклучат сите 1.400 институции во државата.
– Новитетите во рамки на овој модернизиран Информационен систем се: Воведување електронски портал за поднесување барања за овластувања и пријави на проблеми; Систематизациите на институциите ќе се одобруваат дигитално; Поедноставено внесување и ажурирање на податоци за вработените; Можност за следење на секое досие на секој вработен во јавните институции; генерирање можности за централни извештаи за годишни планови, истакна Минчев.
Во врска со вработените во јавната администрација кои не ја работат својата работа, министерот нагласи дека ќе се формира академија преку која ќе се врши едукација на постоечките вработени, со цел тие да се вклучат во процесот на работење.
– Што се однесува, пак, до оние кои не ја работат својата работа, ние правиме длабински анализи, затоа што сакаме да воспоставиме еден социјален баланс помеѓу вработените. Едно од законските решенија што утре се на собраниска пленарна седница е и формирање Академија. Во таа Академија ние сакаме да извршиме едукација или да пробаме постоечките вработени да ги внесеме во системот односно да ги вклучиме во процесот на работење. Мора да работиш за да земаш плата, дециден беше Минчев.
Прашан дали се размислува за можноста за отпуштање вработени од јавниот сектор, тој вели дека засега „тој модел не се разгледува, бидејќи постојат повеќе пакети со отпремнина“, но додаде дека сакаат да ги стават во функција постоечките вработени“.
– За споредба, Република Словенија, која има два милиона народ, нешто слично како Македонија, има 180.000 вработени во јавниот сектор, ние имаме 130.000 вработени, што значи 50.000 повеќе. Така што, имаме институции каде што имаме дефицит на кадар, а некаде имаме превработеност. Затоа, првиот чекор е да се обидеме да ставиме се во функција и во овој момент за еден таков поголем рез не размислуваме, рече Минчев.
За тоа како државата ќе ги натера да одат на работа оние кои што земаат плата со години, а не одат на работа, Минчев рече дека се подготвени повеќе законски решенија со кои ќе се зголеми дисциплинската одговорност и во кои се предвидува опомена, оценување, казнување со 20 проценти, како и отпуштање од работа.
– Во новите законски решенија предвидуваме зголемено ниво на дисциплинска одговорност. Многу тешко, со правата кои што ги имаат вработените, можеше да се преземат било какви чекори. Тука се предвидени повеќе решенија, како што се опомена, оценување, казнување со 20 проценти и на крајот отпуштање од работа. Тој циклус на дисциплинска одговорност го упростуваме со цел да кажеме јасно дека сакаме да имаме вработени во јавната администрација кои што даваат придонес, рече Минчев.