Дојави за бомби денеска во охридскиот суд, 27 скопски и едно прилепско училиште

И оваа работна недела почна со дојави за поставени експлозивни направи. Денеска на мета на дојавувачите се Основниот суд во Охрид, но и неколку основни и средни училишта во Скопје.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски вели дека дојавата утрово била добиена на електронска адреса, по што веднаш се преземении мерки за евакуација.

„Денеска во 07:50 часот во СВР Охрид пријавено e дека на електронската адреса на Основен суд Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектот и во тек се антитерористички проверки“, вели Димоски.

На местото се екипи на полицијата, на Службата за итна медицинска помош како и на Територијалната противпожарна единица.

Објектот е изолиран, а полицијата не дозволува движење возила и пешаци на едниот крак од булеварот „Македонски просветители“.

Дојави за бомби денеска има и во 19 средни и осум основни училишта во Скопје и едно основно училиште во Прилеп.

Од министерството за внатрешни работи велат дека учениците се евакуирани и во тек се проверки на објектите.

„Денеска (27.02.2023) до 10:00 часот пријавено е дека на електронските адреси на 19 средни и осум основни училишта во Скопје, едно основно училиште во Прилеп и Основниот суд во Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат од МВР.

Минатата недела дојави за поставени експлозивни направи имаше неколку дена. Во петокот имаше дојави во 16 училишта во Скопје и во едно училиште во Прилеп. По извршените проверки МВР потврди дека станува збор за лажни дојави.