Дојави за бомби во трговски центри и судови во Загреб

Поради дојави за поставени бомби денеска во Загреб се евакуирани трговскиот центар Авенија мол, загрепскиот Велесаем, како и две судски згради во Нови Загреб, јави хрватскиот портал Индекс.хр.

Од полицијата потврдија дека е во тек проверка на посочените локации од екипите за антитероризам.

– Евакуација во Авенија мол, сите мораа да се евакуираат, полицијата разговараше со обезбедувањето на приземјето. Беше кажано дека евакуацијата е поради пожар, но најверојатно се работи за дојава за бомба – изјавија граѓани за Индекс.хр.

Наводно, непознато лице решило да сее паника и страв и да ја запре работата на вработените во Кривичниот и Општинскиот суд во Нови Загреб, но и во трговскиот центар Авенија мол како и на просторот на загрепскиот саем.

Во тек е претрага на неколку илјада квадратни метри простор во која се вклучени и полициски кучиња.