Дортмунд ја тужи АфД за користење на грбот на градот на нивни плакати за локалните избори

Западногерманскиот град Дортмунд го тужи локалниот огранок на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) поради спор во врска со изборните плакати со грбот на градот.

Западногерманскиот град Дортмунд го тужи локалниот огранок на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) поради спор во врска со изборните плакати со грбот на градот.

Портпаролот на градот денеска изјави дека властите ќе поднесат барање за привремена забрана до Окружниот суд во Дортмунд, јави ДПА.

Окружното здружение на антиимигрантската партија претходно изјави дека нема да се придржува до барањето на градот да го отстрани грбот од своите плакати пред локалните избори низ западната покраина Северна Рајна-Вестфалија што треба да се одржат за еден месец.

Портпаролот изјави дека на АфД треба да ѝ се забрани да го користи и објавува илјадагодишниот грб на градот во изборно рекламирање, на изборни плакати, онлајн и на социјалните медиуми „без изречно писмено овластување“.

Постоечките плакати со овие знаци треба да се уништат или знакот да стане „трајно и целосно непрепознатлив“, додаде тој.

АфД тврдеше дека градот им дозволил на други партии да користат модифициран грб во минатото – на пример, на Христијанско-демократската унија и на Слободните гласачи во кампањата за локалните избори во 2014 година.

Таа рече дека сите партии треба да бидат третирани подеднакво и тврдеше дека тужбата би претставувала мешање во кампањата за локалните избори.

Екстремно десничарската партија, исто така, рече дека со години го користела грбот на градот во публикациите, без никакви поплаки.