Кошаркарите на Далас се пласираа во финалето на НБА лигата oткако на гостински терен ја совладаа Минесота со 124:103 во петтиот натпревар од финалето на плејофот на Западната конференција.
Далас ја победи Минесота со 4:1 и ја освои шампионската титула на Западот, а во големото финале ќе игра против Бостон, кој ја победи Индијана со 4:0. Далас до победата го предводеа Лука Дончиќ со 36 поени, од кои 20 постигна во првата четвртина, а имаше и 10 скока и пет асистенции и Кајри Ирвинг со 36 поени, пет асистенции и четири скока.
„Кога отидов да спијам претходната вечер, имав најголема самодоверба, а имав најголема доверба во тренинзите за шутирање наутро. Се чувствував како да го играм еден од најдобрите натпревари”, изјави Ирвинг.
Во победата придонесе и Пи Џеј Вашингтон со 12 поени и седум скока, Даниел Гафорд со 11 поени и девет скока, а Дерик Лајвли уфрли девет поени и додаде осум скока. Далас до полувремето имаше 29 поени предност, во третата четвртина имаше предност од 36. На крајот ја задржа предноста и првпат по 2011 година, кога ја освои титулата, се пласираше во финалето на НБА.
Во тимот на Минесота најефикасен беше Карл Ентони Таунс со 28 поени со 12 скока и Ентони Едвардс со 28 поени со девет скока и шест асистенции. Руди Гобер додаде девет поени и пет скока, а Џејден МекДаниелс осум поени.
Финалната серија започнува во Бостон на 6-ти јуни.