Донирани се органите на лице кое починало од мозочна смрт, подарен живот за најмалку тројца пациенти

Во соопштение од македонското Министерство за здравство велат дека едно храбро семејството вчера одлучило да ги донира органите од својот близок кај кој беше потврдена мозочна смрт.

„По направените подготовки и координацијата помеѓу тимовите од интерните и хируршки клиники, доцна во ноќта започа експлантацијата, а веднаш потоа и трансплантацијата, најпрво на срцето, а утрово и на двата бубрега“ – соопштија од МЗ.

Од МЗ наведоа дека еден млад пациент добил срце, а кај двајца пациенти на дијализа веќе се трансплантираат бубрезите. Уште неколку пациенти, како што додадоа, во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива.

„Со нивната хумност и одлуката да ги донираат органите, ова семејство  подари живот на најмалку тројца пациенти, а на сите нас да ни донесе утро полно надеж. И за тоа сме им бескрајно благодарни. Благодарност и до медицинските тимови од сите клиники вклучени во експлантацијата и трансплантацијата, кои изминатото деноноќие неуморно работеа и се уште работат“ – велат од МЗ.