Во соопштение од македонското Министерство за здравство велат дека едно храбро семејството вчера одлучило да ги донира органите од својот близок кај кој беше потврдена мозочна смрт.
„По направените подготовки и координацијата помеѓу тимовите од интерните и хируршки клиники, доцна во ноќта започа експлантацијата, а веднаш потоа и трансплантацијата, најпрво на срцето, а утрово и на двата бубрега“ – соопштија од МЗ.
Од МЗ наведоа дека еден млад пациент добил срце, а кај двајца пациенти на дијализа веќе се трансплантираат бубрезите. Уште неколку пациенти, како што додадоа, во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива.
„Со нивната хумност и одлуката да ги донираат органите, ова семејство подари живот на најмалку тројца пациенти, а на сите нас да ни донесе утро полно надеж. И за тоа сме им бескрајно благодарни. Благодарност и до медицинските тимови од сите клиники вклучени во експлантацијата и трансплантацијата, кои изминатото деноноќие неуморно работеа и се уште работат“ – велат од МЗ.