Донациите за Турција и Сирија морало да се тргнат по наредба на инспектор од Град Скопје

Донациите за Турција и Сирија морало да се тргнат по наредба на инспектор од град Скопје.Ова е сведоштво на волонтерка која помага за граѓаните од двете земји погодени од земјотресите.Христина Панова бара градоначалничката Данела Арсовска да каже зошто им смета пунктот за донации. „Макфакс“ доцна вечерва упати и прашања на градската служба за ПР, а оттаму негираат дека инспектор бркал волонтери.

„За жал, денеска на пункт се појави инспектор од градот испратен од генералниот секретар и градоначалничката нарекувајќи го собирањето донации на плоштадот ‘депонија’ и со наредба сето ова да се собере и исчисти плоштадот до утре сабајле. Зарем ова е хуманоста и солидарноста на Град Скопје? Барам итно градоначалничката Арсовска да се произнесе по овој настан и да даде одговор што им смета пунктот за донации на плоштад и итно да обезбеди сала каде волонтерите ќе можат да ги собираат и спремаат донациите од Скопје во нормални хумани услови (знаејќи дека надвор е ладно). Никој не е будала бидејќи така му текнало и бидејќи нема што да прави – па ај ќе одиме ќе си играме на плоштад, ќе собираме работи на минусни температури“, посочува волонтерката.

Градот треба да биде благодарен на овие млади деца што ја покажуваат солидарноста и добрината на скопјани, посочува Панова.

„Градот наш што нели пак ќе никнеше… Градот на солидарноста, градот на хуманоста, денеска на плоштад ‘Македонија’ прати инспекција да ги брка младите волонтери коишто неколку дена по ред деноноќно се отворени и достапни за граѓаните и собираат донации за настраданите семејства во земјотресите во Турција. Како што сите знаеме, уште од првиот ден кога нѐ потресе страшната вест за разорниот земјотрес во Турција, во којшто животот го загубија 22 327 лица заклучно со овој момент и над 80 000 повредени.. илјадници и илјадници семејства останаа без кров над глава, без топла облека да се пресоблечат нели, без храна, без сѐ она за што работеле и вложувале изминатите години од својот живот, група млади студенти од Турција кај нас излегоа и отворија пункт за донации. Тоа се млади деца полни со надеж, полни со енергија и љубов и изминатите денови 24 часа на ден се на пунктот и селектираат и пакуваат донации пристигнати од нашите граѓани. Јас сум една од многуте што се приклучи на оваа иницијатива, а ги има десетици коишто секој ден ги гледам таму (Македонци, Албанци, Турци, Роми)“, додава таа.

„Сакам да знаете дека сѐ она што беше направено до сега луѓето го гледаат, го препознаваат и изразуваат почит и благодарност за добриот чин на секој еден кој подаде рака на нашите пријатели од Турција“, посочува волонтерката.

„Макфакс“ упати прашања и до Град Скопје за тоа дали ги бркале волонтерите и дали барале дислокација на пунктот. Оттаму, немаше одговор на конкретните прашања, туку испратија став до сите медиуми во кој негираат дека инспектор бркал волонтери

„Со индигнација ги демантираме гнасните лаги дека наводен инспектор во градот Скопје ‘ги бркал’ луѓето кои собираат хуманитарна помош! Волонтери на градот Скопје се активни учесници на штандот на плоштадот ‘Македонија’ каде секојдневно се собираат потребните средства за хигиена, облека, храна и останати потреби за настраданите во Турција и Сирија. Срамно, на граница со мизерност и политички очај е ставањето на меѓународна хуманитарна катастрофа во дневнополитички теми. Просто неверојатно е со каква леснотија се лаже за вакви чувствителни теми. Но, срамот не е на градот, туку на поединци кои ги креираат и шират овие лаги!“, пишува во соопштението на Град Скопје.